Го отворив прозорецот,
ги истуркав остатоците од 2010,
и направив место да ја пречекам свежината на новото…
Подобро да биде подобра!
2010? Како и секоја година. За некого добра, за некого – никогаш повеќе да не се повтори!.
Ми се чини дека не паметам досега, луѓето, толку многу да посакувале да ја пензионираат годината што изминува.
Не сум песимист по природа, напротив, голем оптимист сум. И реалист. А реалистот во мене вели:
Да ги толерирам будалите со поголемо задоволство, само доколку ова не ги поттикне да ми одземаат се’ повеќе и повеќе време. (James Agate).
Пред нас е исправена 2011, обвиткана во мистерија. Каква ли е?
Онаква каква што ќе си ја направиме. Од самите нас зависи.
Гласот на страстта е подобар од гласот на разумот. Оние, нестраствените, неможат да ја сменат историјата. (Czeslaw Milosz)
Да се биде свој, во еден свет кој се труди, дење и ноќе, да те направи било кој, значи да се бие најтешката битката која еден човек може да ја води, и никогаш да не престане да се бори. -E.E. Cummings.
Бидете свои, бидете едноставни, затоа што:
“Едноставните работи во животот ни помагаат да не полудиме”. - (Ruskin Bond)
За прв пост годинава, одлучив да ве почастам со прекрасна поезија.
Ја открив неодамна. Wislawa Szymborska. Моќно!
Една од нејзините поеми, објавени неодамна во новата збирка поезија “Here”. (оригиналот е овде, кој има желба може да ја преведе и препее многу подобро од мене)
ОВДЕ
Не знам за другите места,
но овде, на Земјава, има од се’ по нешто.
Овде се прават столици, тага,
ножици, виолини, нежност, транзистори,
брани, вицови, шољи за чај.
Можеби на некое друго место има од се’ повеќе,
но, од некоја причина, таму нема слики,
катодни цевки, кнедли, марамичиња за солзи.
Овде, има многу места со убава околина.
Некои од нив, особено ќе ви се допаднат,
именувајте си ги по ваше,
и заштитете ги од злото.
Можеби и некаде наоколу има слични места,
но никој не ги смета за убави.
Можеби, како нигде на друго место, или можеби само на неколку,
овде си имаме сопствено тело,
со сите потребни алатки,
да ги додадме нашите деца до децата на останатите.
А покрај тоа, вашите раце, нозе и зачудените глави.
Овде незнаењето тешко успева,
постојано се мери, споредува, пребројува,
се носат заклучоци, се решаваат квадратни корени.
Знам, знам што мислите.
Ништо овде не е вечно,
бидејќи се’ е во моќта на елементите.
Но, приметете – елементите брзо се заморуваат
и понекогаш им треба долг одмор,
за нареден пат.
И знам, што друго си мислите.
Војни, војни, војни.
Но, дури и помеѓу нив се случуваат паузи.
Внимание – луѓето се лоши.
Смирено – луѓето се добри.
Кога внимаваме, создаваме пустелии,
кога сме смирени, со потта на нашите веѓи градиме куќи
и живееме брзо во нив.
Животот на земјата станува ефтин.
На пример, за соништата, не плаќате ни паричка.
За илузиите, само кога се изгубени.
За поседување тело – само со телото.
И како ова да не е доволно,
па без билети се вртиме на вртелешка околу планетите,
а заедно со нив, повторно без пари, во виулиците на галаксиите,
низ вековите кои се за восхит,
дека ништо овде, на Земјава не може да го згрчи времето.
Зошто, погледнете убаво:
масата си стои онаму каде што си стоела
а на масата хартија, токму онака како што била оставена,
низ подотворениот прозорец, малку воздух,
а на ѕидот нема страшна пукнатина,
низ која можеш да бидеш оддуван во небиднина.
- Wislawa Szymborska-
СРЕЌНА ВИ НОВА 2011 БЛОГЕРИ!
Леонова
0 comments:
Post a Comment