сабота, 17 април 2010

СЕКИРАЦИИ

Се сеќавате на песната на Bobby McFerrin "Don't Worry, Be Happy"?

Се грижиме за се’. За поскапиот бензин, за високите цени, за немаштијата, работата, љубовта, бракот, децата, родителите .....треба ли уште да набројувам? Споменете било што, и одма ќе најдете неко кој се грижи за тоа.

Некој човек, Петко, кој се грижел за се’ и сешто, дошол до генијална идеа да си вработи друг, човек Станко, кој ќе се грижи наместо него. Станко требало да се грижи и секира за сите непријатни моменти кои биле дел од животот на Петко. Тој се грижел за се’. А Петко му плаќал многу пари за тоа. Кога го прашале Петко – Како е? Се грижи ли Станко доволно добро наместо тебе? Да, одговорил Петко. А од каде наоѓаш толку многу пари за да му плаќаш? Ееее, тоа ми е најголемата грижа во моментов – одговорил Петко.

Грижата троши многу емоционална енергија. Дали сте анализирале колку малку всушност од работите за кои се грижиме навистина се случуваат? Според една анкета, 40% од работите за кои се грижиме воопшто и не се случуваат; 30% од грижите се однесуваат на минатото, и тука ништо не можеме да промениме. 12% од грижите се насочени кон други луѓе, се грижиме за нив, а најчесто тоа и не е наша работа. Само 8% од работите за кои се грижиме се вистински грижи.

При поход во Индија, војниците на Александар Македонски фатиле неколку монаси кои го подбуцнувале народот против него. Кога ги донесле пред Александар, тој прашал еден од нив: Кажи ми, што е помоќно – животот или смртта? Монахот одговорил: Животот е помоќен од смртта затоа што животот со себе носи нечесност и неправда и истите ги толерира. Одговорот на монахот можеби се чини чуден, но вистинит. Патењето, неправдите, љубовта, омразата и многу други работи се директно или индиректно поврзани со човештвото, и тиа добиваат на своето значење само кога сме живи.

Животите кои ги живееме се всушност фокусирани околу општеството. Од таму и грижите. Се оптеретуваме со секакви негативни влијанија, ревносно ги следиме прес конференциите на партиите, сите вести започнуваат со вести за земјотреси, жртви, несреќи, кавги. Од кога не сте чуле некоја добра вест? Сестра ми вели: не ми е јасно за кого композиториве прават весели песни, зарем има уште расположени луѓе кои ги слушаат? Ме насмеа, но и ме замисли.

Грижете се ако морате, но нели би било подобро наместо тоа да слушнете некоја добра песна, да си направите колачи, да ја излижете лажицата со кремот од колачите, да прочитате некоја добра книга. Направете разлика помеѓу МОРАМ и САКАМ.

Грижете се ако сакате, но немате премногу време...напијте се добро ладно пиво, прошетајте се покрај реката, уживајте во убавините на природата, дружете се со пријателите, смејте се.

Промени се случуваат кај секој од нас. Тие се насекаде. Ни се менуваат животите. Делумно заради самите нас, а делумно заради милион околности околу нас.

Сјајот и среќата во очите на децата...сте ги виделе? Го паметите тоа чувство денес? Лесно е да се заборави. Тешко е да го вратиме.

Сите сме патници низ животот. И живееме серија животи пред да умреме. А најдобро на што можеме да се надеваме е дека нема да се предадеме. Затоа што животот не е фер, тој е таков каков што е. Еден ден кога ќе не нема, Сонцето пак ќе си изгрева на исток, ќе си заоѓа на запад. А до тогаш....треба да го живееме моментот.

Сите ние имаме визија за тоа каква сакаме да ни биде иднината, и имаме спомени. А ние сме негде помеѓу овие две. Заглавени. И тука лежи суштината на живеењето.



Сакав да кажам….. Don't Worry, Be Happy

Bobby McFerrin - Don't Worry Be Happy
Uploaded by jpdc11. - See the latest featured music videos.

0 comments: